Дубаи - дел 1

31 May 2013 //
Leave a Comment
Дубаи ýбај - со акцент на у) е град во истоимениот емират - еден од седумте Обединети Арапски Емирати (ОАЕ) кој се наоѓа на северниот дел од Арапскиот Полуостров (со излез на Персискиот Залив, т.е. Арапското Море).

Емиратите по големина (не знам да ги изговорам сите):
  • Abu Dhabi
  • Dubai
  • Sharjah
  • Ajman
  • Umm al-Quain
  • Ras-al-Khaimah
  • Fujairah
Обединети Арапски Емирати


Иако Абу Даби е најголемиот емират во ОАЕ, Дубаи има најмногу жители - нешто повеќе од 2 милиони. Првите населеници се стационирале околу заливот Дубаи (иако го викаат creek) во средината на 19-ти век, каде денес се наоѓа стариот дел на градот (или јас како што си ја нареков - чаршијата).

Денес Дубаи е - во буквална смисла - Метрополитен, местото каде сите луди идеи на ботатите арапски шеици за град од иднината се остваруваат со полна пареа. Благодарение на приходите од нафтената индустрија, брзо станува град на бизнисот и културата; центар во кој истокот и западот се „мешаат“ како масло и вода (да, понатаму ќе опишам и зошто). Бидејќи нафтата не е бесконечна, паметно инвестираат во туризам и недвижнини - вложуваат во постабилна иднина (спомнав и во нивните луди идеи?).

Поглед од авион... „улицата“ со бели светла лево е всушност Бурџ Калифа

*** Сите слики се од моето патување и бидејќи сум приврзаник на Криејтив Комонс, ако ги споделувате, линкајте назад на овој блог. Благодарам однапред.




Навистина е така, Дубаи е совршеното место да потрошите многу пари. Сѐ што е новоизградено се доплаќа - измислени се милион начини за (не толку евтина) забава, од десетици огромни трговски центри и највисокиот облакодер на светот до скокање со падобранец над новоизградените острови во форма на мапата на светот или на заокружена палма (бирајте еден од двата такви).

И сето тоа ќе звучеше прекрасно-блескаво, да не требаше некој и да го гради тоа за евтини пари со брзина на светлината, па така бевме сведоци на „модерно ропство“ каде Индијци, Пакистанци, Филипинци и други, се единствената физичка работна сила која ќе ја сретнете и кои работат деноноќно и за евтини пари... па како инаку Бурџ Калифа со нејзините 160(+46) ката ќе се изградеше само за 6 години?

Иако од една страна делуваат арогантно и како новопечени богаташи што се расфрлаат со пари, од друга страна имаат огромна почит кон арапската традиција и семејството. Семејството (читај: децата) им е на прво место во секое време, секое место е прилагодено и за деца и не е воопшто чудно да видите дека се шетаат наоколу цели големи семејства. И тоа најчесто - мажи во бели наметки и жени во црни (прочитајте најдолу повеќе за ова).

не знам кој би купил вакви соларничиња, ама ете.

Исто така сѐ е направено да не мора воопшто да се излегува од климатизирана просторија во пеколните летни температури, немаат услови за пешачење и за возење точак (а и така сѐ е огромно и не можеш да имаш осет за ориентација) - што беше многу чудно за мене, но од друга страна е разбирливо - кога поголемиот дел од годината надвор температурите воопшто не се за излегување надвор, нема потреба од инфраструктура.




Основни факти за патувањето

Патував службено, така што се извинувам што ќе морам да ги прескокнам деталите за пат, виза и сместување, но сепак ќе ви приспомнам по некоја информација која би можела да ви помогне.

  • Период: 26.04-06.05 (2013)
  • Број на патници: 5
  • Авионска релација:
    • Скопје -> Дубаи (Fly Dubai)
    • алтернатива: Скопје > Истанбул > Дубаи (Turkish Airlines)
    • Цените се во просек околу 500€, Fly Dubai бидејќи се смета дека раководи со ниско-буџетни летови (не следува храна и багаж со картата) ако се купи доволно рано може да достигне и ниски цени до 300€. Во моментов за Ноември/Декември е околу 400€.
  • Виза: Потребна ни е, се вади или на граница таму или преку агенција кај нас (мислам дека Fly Dubai посредува за визи, но не сум сигурна). Јас патував со бизнис виза со локален спонзор, така што моите податоци не се баш релевантни. 
    • Знам дека за секоја виза се потребни следните документи и да се аплицира барем 2 недели пред патувањето:
      • копија од пасош (пасошот треба да е валиден во наредните 6 месеци)
      • слика за пасош (строго во анфас, бела позадина, отскриено лице, покриени раменици и деколте)
      • имиња и датуми на раѓање на вашите родители (навистина)
      • распоред на летање (купени карти се предност)
      • цена... не знам, ама се плаќа.
  • Јазик: арапски; но сите зборуваат англиски (иако Индијците потешко се разбираат...)
  • Валута:
    • 1AED (дирхам - dirham, درهم
    • 1USD = 3,65AED
    • 1€ = 4,7AED
    • Најдобро е да се носат американски долари за размена. Бидејќи се врзани валутите секогаш доларот има најдобар курс.
Од едната страна знаковни арапски бројки, од другата нашите познати арапски бројки
  • Што да се носи: лекови (фервекс и слично за настинки, за промени на жешко спарно надвор - клима ладно внатре), аутан, креми за сончање со фактор над 30, испринтани карти и резервации (и копија од виза ако треба да ја подигнете на аеродром).
  • Струја: исто е 220 волти, но штекерот не е ист, туку британски; се купуваат (евтини) мали пластични додатоци/адаптери за во штекерот што од 3 правоаголни креира стандарден наш штекер со 2 кружни влеза. А и најчесто има прекинувач за секој штекер што треба дополнително да се уклучи.
  • Патување меѓу емиратите: Иако е евтино да се изнајми кола, таму возат (навистина) како луди, нема приоритет на ленти на автопат и немаат осет колку брзо возат... така што ако нема некој ептен искусен возач, локалците препорачуваат да се користи автобуски превоз.
  • Јавен превоз низ Дубаи: Најчесто е со метро, поретко со автобус. За јавниот превоз (и метро и автобус) се користи при-пејд картичка од 20AED (која е со 16AED кредит) и која понатаму може да се надополнува. Се поминува на скенерче на влез (каде ти покажува колку имаш кредит) и на излез (каде ти ја одзема сумата во зависност во колку зони било возењето). Едно возење чинеше од 1,4 (минимум) до 4,3 дирхами. Има и feeder bus - автобус кој е наменет од метро станица да ве однесе до одредена позната дестинација во негова близина ако тие не се толку блиску, возењето е бесплатно, но треба на влез и излез да се искуца картичката. Треба да се внимава дека има вагони за прва класа (голд клуб) и посебни вагони во кои се дозволени само жени и деца. И да згрешите не е страшно - ќе ве избркаат.
возовите немаат шофер, интересно е да се гледа движењето по шините и градот што се отвара пред тебе
  • Такси превоз низ Дубаи: Доста поволно благодарение на евтиниот бензин кој во моментот беше 1,7AED за литар ~ 20 денари ( -_- ) така што ако сте се заседнале некаде 3-4 луѓе и метрото затвори околу 23 часот, нема да фати повеќе од 80 дирхами (~15€) иако од едно место до друго во градот може да има и 30 километри (мхм!). Ноќната тарифа е со повисок старт (денската е 3 дирхами), а нормално е и 2-3 пати поскапа, но сепак не колку што би била низ Европа.
  • Безбедност: Многу е безбедно, имаат камери насекаде и веројатноста ако се случи кражба, крадецот да биде најден и депортиран во рок од 24 часа е голема [тру стори].
А и не можеш да се самоубиеш во метро... -_-
  • Сместување: во хотели. И тоа најчесто фенси-менси хотели, каде веројатно е најповолно да се сместите преку некоја специјална понуда.
  • Клима: Жешка, спарна, пустинска клима... иако нас ни се погоди дожд што многу ретко го има на пролет, а температурите беа околу 25 до 30 степени. Сепак во лето не е препорачливо да се оди бидејќи температурите достигнуваат и до 50 степени, а времето е одлично и во зима кога можеби е подобар изборот да се отиде. Интересно беше што сите градби, особено забележливо во трговските центри, имаа прокиснати кровови... па за толку ретки појави, веројатно е неисплатливо да се градат објекти подготвени за дожд :)
Среќата ни се погоди да врне 3 од 10 дена... вистинска реткост која сме требале да ја цениме ^_^
  • Стандард: Од највисок до најнизок... земја каде што не може да се пресметуваат просеци.  Ако се земе предвид дека Арапи од Емиратите се само 17%, Индијци 51%, Пакистанци 16%, и тн, и дека овие побројните ги извршуваат сите ниски работи, би била веројатно сиромашна земја... арно ама, малиот просек на богаташи со огромни приходи го креваат просекот на сосема друго ниво.
  • Култура: Ниту еден текст нема да ве подготви за она што ве очекува таму... односот на мажите и жените, мултикултуризмот, разликата во климата, разликата во односот на луѓето... но сепак, се потрудиле да ги посочат „правилата“ на однесување за странците срочени во нивниот Code of Conduct [PDF] кој го добиваат странците. Дубаи е најлибералниот емират, па не се следат правилата строго, но во другите дефинитивно се следат. Па така, внимавајте дека нема покажување чувства во јавност (проаѓа во Дубаи, ама пазете се), не треба да се облекуваат кратки панталони/сукњи над колена (на плажа е ок во бикини, не смее топлес), не смеете да ги набљудувате жените иако се целосно покриени (ем не е културно, ем некој ќе ве искара), не смеат да спијат маж и жена во иста соба ако не се сопружници (ама сретнавме ноќни посетителки по хотелите), жените што живеат таму дури и да се од странство не смеат да раѓаат деца без венчаница, и така натаму. Казните се од благо предупредување од мештаните или полицијата, до апсење и депортација.
  • Мобилна мрежа: Имаат само 1 оператор, немате баш избор (читај: владата сака да има сѐ под контрола).
  • Религија: Исламот е главна религија, на секој чекор има џамии, а во секој трговски има места за молитва во случај да ве начека времето за една од петте дневни молитви неспремни. 95% од џамиите се во сопственост на државата.
  • Постење: Во текот на Рамазан (во август) забрането е да се јаде и пие на јавно место за сите, без разлика дали се пости или не. И водата е забранета. (кога сме тука, во метро станиците и возовите е забрането јадење и џвакање мастика во секое време).


Храна

Од сите познати американски брендови за брза храна до либански (арапски) ресторани со пристапни цени, можеше да се проба сѐ. Неколку пати јадевме арапска храна и тоа: 
хумус (паста од наут, т.е. непечена леблебија) обичен и со смокви и ореви
    • фалафел (вегетаријански ќофтенца од наут и/или други мешункасти растенија)
    • салати (фатуш
    • печени компири со различни зачини
    • пилешко и роловани лепчиња р'какат со халуми сирење
    • скара: ќебапчиња, пилешки стекови, ражничи, телешки вешалици, јагнешки котлети...
    • домашни пита-лепчиња или потенки како тортиља, итн.
Ресторан Mashawi, Кинески градини, Ибн Батута Mall (36AED по човек [х3] за повеќе мезиња)
лево: салата фатуш | горе: фалафел | долу: компири и хумус | десно: пилешко со халуми
Ресторан Zahr El-Laymoun, покрај фонтаните Дубаи (65AED по човек [х3], влучено и наргиле од 55AED)
горе: хумус со смокви и ореви и р'какат со халуми | долу: компири со провенсал и арапско лепче
Ресторан Аутоматик, на The Walk, улицата за шетање на скапите автомобили (42 AED по човек [x5])
горе: најдобриот хумус што го пробавме | долу лево: скара покриена со лепчиња | долу десно: салата со магдонос

Бифе вечера за време на сафари тура во пустина - салата и хумус (+ скара, овошје итн)
    • да не го заборавам типичното благо кое може да претпоставите што е: 
    • различни урми полнети со различни јатки
    • баклави и кадаифи со ф’стаци
    • нешто ситно за дома, околу 30AED кутија
    • А од странската храна пробавме: кинеска (бифе за 30AED), пекиншка патка, филаделфија чиз-стек сендвич (39AED), сендвич со пилешко и авокадо на тост (најдобриот сендвич што сум го пробала во живот! 28AED со чипс и вода) и други јадења уз-нога од Сабвеј (сендвич со мисиркино 15AED) и слично.
Кинеско бифе (30AED all you can eat + сок/вода + топка сладолед)
Американска пица - тапа (36AED [x3])
стартери со крокети и морски плодови + коктели со рум (само во места со специјална дозвола)
Пегиншка патка со краставица и праз, се рола во палачинка
Банана фламбѐ
мудрости од американските измислици за кинески форч’н колачиња
долу лево: најдобриот сендвич на сите времиња со пилешко и авокадо


Сите прво ме прашуваат:
  • Дали стварно се облекуваат ко нинџи?
Да, и така си се шетаат најнормално. Мажите шетаат во бели наметки како фустан со долги ракави наречени диш-даша (dishdash или gandurah), а на главите носат бели или црвено-бели марами, прицврстени со друга марама во форма на прстен. Во бизнис околина, често носат и костуми со вратоврска.

Жените носат црни наметки наречени абаи (abaya) и не ги покриваат само дланките и стапалата. Главата и косата им се покриени, а во однос на лицето - има со отскриени лица (но покриен врат), со покриени нос и уста; и целосно покриени со проѕирен материјал врз очите - зависи од тоа како им е определено/наметнато од фамилијата или сопругот. Под тие алишта, жените се дотерани во најскапи лелеави и шарени алишта, нашминкани со нагласени очи, накитени со злато, носат скапи чевли и сандали од познати дизајнери, итн. Некако обратно од кај нас - ние се дотеруваме за да нѐ видат кога ќе излеземе надвор, тие се дотеруваат за да бидат убави дома. Веројатно ги стига и нив желбата за мода, па многу често гледавме како некои од црните наметки и марамите за глава имаа орнаменти на ракавите и на долниот раб, а тинејџерките се случуваше (во знак на бунтовништво?) да ги носат марамите така што им отскриваат голем дел од косата.

само обичен ден во еден трговски центар

  • Има ли пиво кај да се напиеш?
Забрането е продажба на алкохол и пиење на јавни места. Постојат барови и хотели каде што се служи алкохол, но за нив треба посебни дозволи и затоа пијалоците се скапи. Во еден клуб пиевме пиво за 48AED (повеќе од една вечера) и мохито за 52AED, ама не се издржува 10 дена само на вода :) Исто така постојат специјализирани продавници каде може да купите алкохол ако сте странци, но со посебна дозвола... (освен ако не е на црно, без сметка и ви ги завиткаат пивата во големи црни кеси за ѓубре, како нас :Р - 6AED лименка германско пиво од 0.5л). Можеби најпаметно ви е да си купите и на фри-шоп при излез од пасошка контрола на аеродром. 
  • Стварно ќе те казнат ако идеш по бикини на плажа?
Не, ама ќе те казнат ако го соблечеш :) Покрај тоа што пишав дека во Дубаи се прилично либерални за на плажа, треба да се знае дека постојат приватни плажи (сопственост на хотелите, влезот се наплаќа освен за гости) и јавни плажи каде за сите е дозволен пристапот... но треба да се внимава ако сте мажи, дека постојат плажи каде што на мажите без семејства (деца) им е забранет пристапот.
  • Дали е многу скапо?
Исто така релативно прашање, постојат ресторани каде што обичен пијалак може да стигне и до 100 долари, но ако сте на низок буџет - храната и превозот се евтини, сместувањето е релативно скапо, така што може да балансирате меѓу двете. Сепак, ако не сте љубители на евтината брза храна, не е воопшто скапо да се седне во арапски (либански) ресторан без нарачување на главно јадење, само со неколку мезиња и да стигне цената од 5 до 10€ по човек, нормално без алкохол.

Финтаџиска фонтана сред трговски центар @ Dubai Mall
  • Дали има евтини парфеми?
Сите што знаеја дека ќе одам ме прашаа да видам ако ептен се багатела парфемите да им земам по некој... е па не се многу багатела :) Цените се движеа од 250-300AED па нагоре. Општо за шопингот, се смета дека купуваат богатите и има доста скапи бутици, сите познати брендови, скапи чевли, парфеми итн. Ништо не е поевтино од кај нас и не е рај за шопинг, ама е рај за трошење пари ако ги имаш, според нашето скромно искуство. 
Освен ако - не отидете во "Outlet mall" кој се наоѓа надвор од Дубаи каде може да се најдат многу поевтини цени - за 30 до 70% поевтини од другите продавници низ градот. Немавме време да отидеме и да провериме, но таква е легендата :) 
На фришоп на аеродром (дури и на помалиот терминал 2 до каде што лета Флај Дубаи) има малку помал избор на парфеми, но со 30% поевтини цени... така што, се исплати да се чека до аеродром, ако толку ви е битно.


 Ако сум испуштила нешто или имате други интересни прашања, слободно додајте во коментари :)


Во следниот дел - што треба да се види...



0 коментари:

Post a Comment

.