Новости за летање со WizzAir


Leave a Comment
Одамна летам со евтини летови и неколку пати имам спомнато колку се радувам дека WizzAir ни овозможија да летаме за евтини пари низ Европа. 

Сепак со нив летав најмногу еднаш во годината и никогаш не сум ја разгледала опцијата за членство во Wizz клубот за попуст (Wizz Discount Club). Оваа година веќе имам купено 2 карти за групи од по тројца, па сакав да го споделам искуството со оваа можност. 

Покрај тоа, сакав да спомнам и за ваучерот кој се добива со регистрација за Скопскиот Маратон, а од идниот месец, за прв пат воведуваат избор на седишта!

Wizz Discount Club


Постојат 2 типа на членства, едниот е стандарден кој важи за поседувачот на клуб-членството и уште еден придружник, а вториот тип е групна за поседувачот клуб-членството до 5 придружници. 

Ако купувате во денови кога има 20% попуст на летовите со членството во клубот (се случува 2-3 пати месечно да има 20% попуст), тогаш групното членство за повеќе од двајца веќе се исплати со добиениот попуст! Исто така има секогаш попуст на дополнителниот багаж од фиксни 5 евра.  

На пример, кога се одлучивме да купиме клуб членство, картата за тројца беше редовна цена околу 22.000 денари, додека со картичката околу 17.000 денари со се вклучена клуб членство - самата карта реално беше под 14.000 денари.

Сепак она што не е фино ограничување, е тоа што членството не може да се префрли на некој друг, така што најмногу се исплати да ја купи некој од друштвото/семејството што најчесто лета... Ако летате почесто сами или барем еднаш во група, ви препорачувам да се снабдите со клуб членството :) 



Е сега, кога станува збор за цените и деновите кога има 20% попуст... никогаш не се знае. Нема прецизно однесување на системот, не можете да го излажете со нов инкогнито прозор на пребарувач (што не значи дека не треба да пробате :Р). Некогаш навистина има поголем попуст, некогаш не. 

Примерот погоре, кога плативме за групно членство, беше токму на ден со 20% попуст за членовите на клубот, но викендов за велигденските празници со истата понуда цената беше иста како и претходните денови, додека ден по попустот цените беа навистина многу пониски од тие за време на важечкиот попуст. Најдобро е да ги следите неколку недели и да видите како се однесуваат, па да видите дали вреди да чекате за поевтина цена или не.

На следните две слики може да се забележи токму ова второво, цена повисока во петокот (10.04, и истата се задржа до 12.04) за време на 20% попуст и цената еден ден откако помина попустот која е поевтина (13.04). Сепак, како што кажав погоре, ова не е правило, па ви препорачувам да следите како се движат картите и тоа за бројот на патници кои планирате да одите, бидејќи некогаш и тоа влијае на цената (на пример, за еден патник е поевтино, се трошат бројот на седишта кои се со таа цена, ако додадете понатаму уште еден патник истата цена во истиот ден веќе е поскапена).


10.04.2015 со понуда од 20% попуст

13.04.2015 без понуда од 20% попуст, но со редовен попуст со клуб картичка


Избор на седиште

Она што е најново е изборот на седишта и започнува за сите летови по 19-ти Мај. Јееее! Значи нема веќе туркање за да се фати подобро седиште :) Тие што сте се возеле, се знае дека сите патници фаќаат ред на портата за качување во авион дури половина час пред да се отвори за да се осигураат дека ќе си фатат место со придружниците или понапред итн. 

Отсега, седишта за вашата група ќе бидат доделени по автоматизам (како кај другите компании кога се чекирате пред влегување во авион) со внимание да се доделени заедно, а доколку сакате да го смените местото за седиште понапред или со поширок простор за нозете, можете да го направите тоа со доплата како што е наведено на следната слика.



Ваучер од WizzAir Скопски Маратон

Минатата година за прв пат WizzAir беше главен спонзор на Скопскиот Маратон и за секој кој учествуваше без разлика на која трка (5км, 21км, 42км) им додели по еден ваучер во вредност од 20€. За жал ваучерот од минатата година не стигнав да го искористам до 1-ви Декември, но затоа секако ќе го искористам тој од годинава :)

Со секоја регистрација на маратонот, добивате код за ваучер во потврдата која ви стига на e-mail. Кодот од 17 цифри се внесува токму пред крајот на целиот процес, пред да се плати картата, во посебен таб Wizz Voucher. По кликањето на копчето Submit Payment (на македонски веројатно има соодветен превод), цената директно се намалува за 1250 денари и ваучерот се запишува во табела подолу, така што може да се внесат и повеќе ваучери.


Плаќање преку банка



Кога сме кај плаќањето и трите табови, плаќањето преку банка морав да го испробам пред месец дена :) Ако порано провизијата за административна такса од 500 денари (по лет по човек) се плаќаше само за плаќања со платежна картичка, тоа веќе не важи и таа е вклучена и со плаќање преку банкарски трансфер.

Освен ако не морате, навистина не ви препорачувам да се мафтате од обични до девизни шалтери и да доплатите 30-40 денари за девизниот трансфер на локална сметка на нерезидент... така што плаќајте си со картичка за пријатно корисничко искуство :)

----------

Ако имате некој совет или финта за летање со WizzAir, слободно споделете во коментари! ;)

0 коментари:

Post a Comment

.